Home » , » Доколку Коби освои 6 прстени, како тоа ќе влијае на споредбите со Џордан ?

Доколку Коби освои 6 прстени, како тоа ќе влијае на споредбите со Џордан ?

Written By Dragan on 20.9.12 | 15:51

Со ростер каков што имаат Лејкерси оваа година и реално е да се очекува Коби да го освои својот 6-ти прстен и да се израмни со големиот Мајкл Џордан во освоени прстени. Во историјата на Лејкерси ќе избие пред легендарниот Меџик Џонсон, кој освои 5 титули со ЛАЛ во својата спектакуларна кариера. Доколку Коби го освои тој толку посакуван 6-ти прстен, прашањето е како тоа ќе влијае и ќе се одрази врз споредбите со Мајкл Џордан, идолот, мотивот и инспирацијата на Коби ?

Брајант знае какво значење ќе има евентуалниот 6-ти прстен (или пак повеќе) за неговото наследство, затоа што никогаш нема да се роди играч како МЏ, но играч кој ќе го израмни неговото достигнување или пак ќе го надмине и тоа како заслужува почит и восхит, а воедно и ќе го стави поблиску на пиедесталот во споредбите со најголемиот, Мајкл Џордан.

Џордан во НБА помина 15 години и освои 6 титули, 6 МВП награди на финалињата, 5 МВП награди на регуларната сезона, 1 награда за најдобар дефанзивен играч на сезоната, како и Руки на годината во 1984-85. Во 10 од тие 15 сезони МЏ беше најдобар стрелец во лигата, вклучувајќи и низа од 7 последнователни сезони во периодот од 1986-87/1992-93 година, токму пред неговото прво пензионирање. Во плеј-офот беше уште подобар. Во 10 од неговите 13 настапи во пост-сезоната, Џордан ја предводеше лигата во постигнати поени по натпревар, вклучувајќи ги тука и првите три натпревари од плеј-офот во 1985-86 година, кога имаше просек од 43.7 поени по натпревар.

Фактите говорат дека во оваа листа на достигнувања "Црната Мамба" Коби Брајант, сепак прилично заостанува. По бројот на прстени се сосем блиску, Коби има 5 наспроти 6-те на Џордан, но Коби има само 2 награди МВП на НБА Финалињата, во споредба со 6-те на Џордан, и само 1 награда за МВП на регуларната сезона додека Џордан има 5. Разликата во титулите за најдобар стрелец во регуларната сезона е уште поголема, затоа што Коби има само 2, а Џордан има импресивни 10. Иако Коби може да се пофали дека бил 3 пати најдобар стрелец во пост-сезоната, сепак разликата е драстична. Факт е дека дури и Коби да го осви тој толку посакуван 6-ти прстен (можеби и повеќе) сепак нема да успее да ги надмине или барем изедначи овие врвни достигнувања на големиот Мајкл Џордан.

Доколку сепак го освои тој 6-ти прстен, предноста ќе биде на страната на Коби во тој аспект, затоа што ќе може да се пофали дека освоил 6 прстени во две различни ери, со две сосема различни екипи и против сосема различни екипи и противници (додека пак Џордан освои 6 титули во период од 8 години со прилично идентичен тим), со што ќе докаже дека успева да победи секого.

Џордан секогаш беше лидерот на Булси, во секоја од 6-те титули. Скоти Пипен му беше десна рака на теренот, а беа предводени од феноменалниот Зен Мастер - Фил Џексон. Коби пак, го имаше Шек во првите три, а Пау Гасол и Ендру Бајнам во последните две титули, а исто како и во случајот со МЏ, и Коби во походот кон своите 5 титули беше воден од Фил Џексон. Во походот кон 6-тата титула Коби ќе ги има Мајк Браун, Пау Гасол, Мета Ворлд Пис, Двајт Хауард и Стив Неш, ростер што на хартија е најсилниот во целата лига. Во поглед на тоа кој колку сезони поминал во НБА, предноста е на страната на Коби затоа што оваа сезона ќе биде негова 17-та додека МЏ одигра 15.

Доколку Коби остане здрав и продолжи да игра во стил каков што игра сега, несомнено е дека ќе ги стигне 32.292 поени кои ги постигна Џордан за време на својата 15 - годишна НБА кариера и ќе го помине на вечната листа на најдобри стрелци. Коби моментално има постигнато 29.484. Според темпото со кое ги постигнува поените и просекот на поени, за очекување е Коби да ја надмине таа бројка некаде во сезоната 2013-14, затоа што монетално има 2.808 поени помалку од Џордан, а во просек не постигнува помалку од 1.500 поени во една натпреварувачка сезона..

Кога ќе го помине (прашањето не е дали, туку кога) дебата за тоа кој е подобар уште повеќе ќе се загрее. Џордан е супериорен во некои категории, додека пак Коби е во други. Секој е подобар од другиот во одредени статистички категории, но разликата е највпечатлива во процентот на реализација на шутевите од поле. Џордан во просек во својата кариета шутараше со прецизност од 49.7 %, а во пет сезони имаше неверојатен просек од 50% реализација, што е извонреден учинок за играч кој на натпревар имал во просек од 20 до 25 шутеви.

Брајант во просек во целата негова кариера шутира со прецизност од 45.3% , што не е воопшто лош просек, но спередено со Џордан е прилично послаб. Највисок процент на реализација Коби имал во сезоната 2001-02, кога шутираше со успешност од 46.9%, процент кој Џордан не го надминал само во 5 сезони за време на својата 15 годишна кариера, од кои 3 беа откако се врати од првото (1994-95) и второто (2001-03) повлекување.

Факт е дека и двајцата ќе бидат запаметени како исклучително ефикасни бек шутери, иако и покрај целата нивна компарација Џордан е далеку поуспешен шутер процентуално, додека пак Коби без сомневање ќе ја заврши кариера со поголем број на постигнати поени од МЏ. Останува уште да видиме колку прстени ќе освои Брајант и дали може да го надмине својот идол во таа категорија и да ја разгори дебата за тоа кој е подобар. Може само да жалиме што не можеме да гледаме директен дуел меѓу овие двајца врвни кошаркари во нивните најдобри години и да ја видиме таа жар, таа искра, тој натпреварувачки дух и желба да се победи и да се биде подобар. Сепак еден е МЏ, а Коби е она најдоброто после него, она што најмногу потсетува на Мајкл Џордан после неговото повлекување, но не подобар од Џордан -- најдобриот на сите времиња.

0 comments:

Post a Comment