Home » , » Чикаго Булс: 2012/2013 сезона

Чикаго Булс: 2012/2013 сезона

Written By Unknown on 27.9.12 | 15:00

Минатата сезона Чикаго беше повторно најдобар тим во регуларната сезона. Булси се бореа секој натпревар и заслужено дојдоа до конечен рекорд од 50-16. Нивната главна ѕвезда и МВП играчот пред 2 сезони Дерик Роуз пропушти дури 27 натпревари изминатава сезона. Изгледаше дека конечно ќе го добиеме одговор дали може Чикаго да им конкурира на Мајами Хит во истокот, но нешто се случи ...

Наместо тој одговор, ние добивме одговор дека Чикаго Булс неможат да одиграат ниту конкурентни натпревари во една плеј-оф серија. Тие веднаш изгубија од Филаделфија СевентиСиксерс во 6 натпревари и беа елеминирани веќе по првиот круг во плеј-офот. 

Трагично - крајната сезона заврши, а следеше лето во кое Булси направија неколку добри потези за да останат конкурентни во истокот, и покрај тоа што Дерик Роуз нема да игра за нив повеќе од половина сезона.

Во екипата на Чикаго Булс веќе ги нема Кајл Корвер, С.Џ. Вотсон, Рони Бруер, Омер Ашик и Џон Лукас III. Булси се откажаа од овие незвучни, но сепак важни делови од нивниот ростер лани за да ослободат повеќе место во одделот за плати и да тргнат по ѕвезди наредното или летото во 2014 година.

Марко Белинели доаѓа како новиот Кајл Корвер во тимот, а тоа е добра обнова на шутерската позиција. Крк Хајнрих, Назр Мохамед, Нејт Робинсон и Владимир Радмановиќ се останатите играчи додадени ова лето на ростерот на Чикаго Булс. Но, да не го заборавиме и драфтот на Чикаго оваа година, Маркис Тиг.


3 клучни работи за Чикаго Булс за наредната 2012/13 сезона:

1) Во каква форма ќе биде Дерик Роуз кога ќе се врати ?
По сите гласини за тоа што да се прави со Карлос Бузер, Таџ Гибсон и Луал Денг, Чикаго Булс се сеуште тим на Дерик Роуз. Сите останати можат да биде во споредни, но важни улоги во тимот, но сепак Д-Роуз е суперѕвездата во тимот. Факт е дека кога Дерик Роуз е во игра, нивната одбрана е драстично сменета, отколку кога не е. Минатата сезона, Булси комплетираа одличен рекорд и прво место благодарение на нивната одбрана, но кога налетаа на фокусиран и силно - дефанзивен тим како Филаделфија лани, Булси веднаш беа нокаутирани на секој начин. 
Се очекува Роуз да се врати некаде во Март, неколку недели после Ол-Стар викендот. Но, проблемот е што кога ќе се врати, можеби никогаш нема да биде истиот себеси. Сите играчи кои се враќаат од повреда како неговата, им треба одредено време да ја вратат својата експлозивност, брзина и во целина целата игра. 

2) Од каде ќе доаѓаат поените кога Роуз го нема ?
Луал Денг и Таџ Гибсон се одлични дефанзивци, а кога ќе се спарат со Џоаким Ноа, тоа го прави Чикаго еден од најдобрите дефанзивни тимови во лигата ... ако не и најдобар. Со овој ростер што моментално го имаат Булс, без Дерик Роуз во стартната петорка, можете да се обложите дека Чикаго ќе остане елитен дефанзивен тим во лигата. 
Но, прашањето е кој ќе биде главната офанзивна алка на тимот. Од каде ќе доаѓаат повеќето поени во нападот. Можеби повторно ќе останат еден од најдобрите тимови во лигата, но сега ќе бидат многу полесен тим за одбранување, т.е. ќе бидат многу послаби во офанзивата. 
Луал Денг и Таџ Гибсон направија големи чекори нанапред во нивната офанзива минатата година, а ќе мора тоа да го направат и оваа сезона. Знаеме дека Денг играше на Ол-Стар ниво лани, но знаеме и дека британецот може да потфрли од време-на време во нападот и да има кастрофална офанзивна ноќ. Тоа се натпреварите во кои Булси најверојатно ќе губат, освен ако Карлос Бузер или Таџ Гибсон не постигнат 20-25 поени на натпреварот.
Карлос Бузер всушност кога беше доведен, беше платен за да биде втор играч на тимот, после Д-Роуз. Сега, кога Роуз го нема, доколку од Бузер очекувате да биде играч број 1 во тимот -- ќе се разочарате.

3) Булси мора да продолжат да играат тимски и покрај тоа што го нема Роуз во стартната петорка.
Претходно напоменавме дека Булси имаа одлична регуларна сезона, со Роуз надвор од терените 27 натпревари. Беа доминантен тим на истокот поради нивната одбрана, а Роуз не беше најважниот дел од неа. Всушност не беше никој друг играч и освен Роуз. Тоа беше играчот со име Чикаго Булс .... не, не постои таков играч во ростерот на Булс, така ? Тоа беше тимската игра на Чикаго што им победуваше натпревари, дури и без самото лидерство на МВП - искусен играч.
Том Тибедоу е еден од најдобрите тренери во лигата, а покрај своите дефанзивни тактики, мора да има и некој дел со офанзивна имагинација. Најверојатно, тој ќе го користи Луал Денг како главно офанзивно оружје, но и играчите од клупата како Нејт Робинсон, Марко Белинели и Таџ Гибсон ќе бидат исто така важен дел од играта на Булс. 


Предвидувања:
Рекорд: 48-34. Ова е рекорд што можеби малку ќе ги одлепи од тимовите кои се борат за плеј-офот од 8-10 место, но сепак Булси ќе имаат страшен притисок од позадина, од тимовите како Милвоки Бакс, Детроит Пистонс, Торонто Рапторс и Атланта Хокс. Но, веднаш што Дерик Роуз се врати и плеј-офот стартува, очекувајте нови "бикови" на сцена. 

Стартна петорка: 
PG: Крк Хајнрик
SG: Ричард Хамилтон
SF: Луал Денг
PF: Карлос Бузер
C: Џоаким Ноа

МВП на тимот: Луал Денг

0 comments:

Post a Comment