Многу време пред да се појават Џордан и Меџик, постоеше играч познат како "Big O". Пред Џордан и Меџик да ги постават највисоките бековски стандарди, тоа го направи Оскар Робертсон. Многу време пред луѓето да знаат што е тоа triple-double, Робертсон тоа го постигнуваше просечно на секој натпревар низ целата сезона. Многу време пред некои дриблинзи да добијат свое име, Робертсон веќе ги имаше измислено.
Неговата разновидност во играта му овозможи да стане прв колеџ играч кој три последователни сезони бил најдобар стрелец во NCAA. Му овозможи да освои Олимписко злато во 1960, да освои MVP на сезоната во НБА и да биде избиран во најдобрата петорка во НБА во првите девет сезони.
“Робертсон беше висок играч со движења на многу низок играч“ - Бил Шарман, поранешен бек на Бостон Селтикс.
Во неговите 14 сезони поминати во Синсинати Ројалс и Милвоки Бакс, Робертсон постигна 26710 поени и го постави рекордот за најмногу асистенции во кариера (9887), кој важеше нецели две децении, се до појавата на Меџик Џонсон и Џон Стоктон.
Откако завршил со студиите во 1960 година бил приклучен на Олимпискиот тим на САД, во кој се наоѓал и неговиот понатамошен најголем ривал Џери Вест. Тимот освои злато во Рим без претрпен пораз и се смета за најдобар аматерски тим на сите времиња, кој зел учество на една Олимпијада.
По враќањето од Италија, потпишува 3 годишен договор со Синсинати Ројалс. И веќе во дебитантската сезона, младиот Робертсон беше избран за MVP на Ол-Стар натпреварот, за член на најдобрата петорка во НБА и избран за дебитант на сезоната 1960-61. И како да не биде избран, кога имал просек од 30.5 поени, 10.1 скок и 9.7 асистенции, промашувајки го за малку трипл-дабл просекот. Но најважно од се е позитивната промена на карактерот на Робертсон. Од себична и темпераментна колеџ ѕвезда, тој се претвори во смирен и дисциплиниран НБА дебитант.
“Неверојатно е како Оскар созреа во последната година“ - изјави Џери Вест.
Робертсон и Вест станаа долгогодишни ривали, бекови со брзи движења и неограничени можности. Сепак, нивната индивидуална игра долги години не беше доволна за да излезат од сенката на империјата наречена Бостон Селтикс.
Веќе во следната сезона, Робертсон станува посупериорен. Тоа што го постигнува во сезоната 1961-62, тешко дека некој друг ќе го надмине, па и за 50, 100, 1000 години. 30.8 поени, 12.5 скока и 11.4 асистенции претставува најголемото кошаркарско достигнување во историјата на овој спорт.
Речиси секоја година имаше можност повторно да ги постигне овие бројки, но сепак на крајот ќе останеше со 30-тина поени, со 9 скока и 11 асистенции.
Во сезоната 1963-64 беше прогласен за MVP на НБА сезоната, постигнувајки го својот најдобар просек на постигнати поени по натпревар во кариерата (31.4) и воедно и најдобар асистент во лигата со 11 асистенции. Истата година беше избран за претседател на синдикаот на НБА играчи, функција која ја задржа се до неговото пензионирање.
“КОНЕЧНО! Ова е мое прво шампањско и навистина има сладок вкус.“
Тоа беа најрадосните моменти во неговата величествена кариера, која ја завршува три години подоцна. Неговата "14ка" во Ројалс (денешни Кингс) и неговата "единица" во Бакс се повлечени од употреба.
Од 1979 е член на Куќата на Славните, додека во 1996 година по повод 50 годишнината од постоењето на НБА, избран е во екипата на најдобри 50 играчи на сите времиња.
Непосредно пред повлекувањето звучеше многу едноставно, кога беше запрашан како ја видел својата кошаркарска кариера:
“Го направив она што најдобро го можев. Ги достигнав сите цели за кои се надевав да ги достигнам. Беше забавно додека траеше“
0 comments:
Post a Comment