Home » , » Еден живот за два сона : Кевин Гарнет и Малик Сили

Еден живот за два сона : Кевин Гарнет и Малик Сили

Written By Anonymous on 1.12.12 | 18:24


Запознајте ја ѕвездата на Бостон каква што не сте ја знаеле до сега...

Денес да се спомне  името Кевин Гарнет сите помислуваат на мега ѕвездата на Бостон Селтикс, МВП-то од 2004 година или освојувачот на титулата од 2008 година... На играчот кој скоро 2 децении владее под кошевите на НБА лигата. Жива легенда на НБА лигата. За децата “идол“, за постарите лик кој ги оневозможил Пеџа Стојанкович и Владе Дивац да стигнат до големото финале.

На теренот голем борец, Кевин Гарнет често е во фокусот на јавноста и сето тоа му го дава статусот на борец, предатор на лесни поени и секој скок. Баш тој борбен став често го тера на игра “од другата страна на фаулот“. Сепак, понекогаш вистината има само една страна.

Одамна пред неговата ѕвезда да засвети на небото на НБа лигата, младиот Кевин Гарнет сакаше да ги посетува натпреварите на универзитетот Сент Џонс. Главната причина беше желбата на тоашниот младич да ги гледа партиите на Малик Сили, ѕвезда на тој колеџ тим кој на својот грб го носеше бројот 21. Немаше ден да не се игра натпревар, а Кевин Гарнет да не се појави на трибините, и како секој верен навивач со цело срце да ги поддржува своите херои.

“Се сеќавам, имав еднаш можност да го запознаам. Ме наговараше да се запишам на колеџ, да дојдам во Сент Џонс. Веруваше дека еден ден од мене ќе биде голем играч. Сега кога ќе видам, беше посвесен од мене за тоа.“ - вели Гарнет.

Сепак сегашниот ас на Бостон не заврши “факс“. Веднаш по што ја доби дипломата од средна школа, школото го стави в џеп, и се пријави на драфтот. Кевин Гарнет е избран како 5 пик на драфтот избран од Минесота и одлучи да го земе бројот 21 - исто како неговиот идол од младите денови Малик Сили. Дали тоа беше игра на судбината или некој друг вселенски трик, во 1999 година Малик Сили и Кеј Џи стануваат соиграчи токму во “Волците“.

“Еден ден ми пријде и ми рече :’Еј, сакаш ли да вечераме заедно ?’. Отидовме на вечера, почнавме разгоовр. Како оди животот, една работа оди кон друга, набрзо почнав да се отварам и станавме многу блиски. Во тоа време практично бев уште дете, ми беше многу драго што имам некој соиграч како него во тимот со кој ќе бидам многу близок.“ - зборува Гарнет.

“Малик и Кевин беа како браќа. Многу го критикуваа Кевин кога игравме лошо, сите го критикуваа него, се беше на неговиот грб. Секогаш му викаше ’Пушти ги, тргнуваме од овде, не знаат тие сеуште кој е вистинска суперѕвезда. Кевин не сакаше да излегува, да се журка. Беше вреден, напорно работеше. Кога и да му требаше помош, секогаш Малик беше тој што беше секогаш тука за него. Секогаш му викаше :“Еј, ти еден ден ќе ја земеш титулата.“ - вели Сем Мичел, тогашниот тренер на Волците.

Колку овие два играчи беа блиски, кажува фактот дека Малик токму на 19 мај 2000 година организираше прослава за 24тиот роденден на Кевин. Се беше како сцена од американските филмови : спонтано доаѓање во куќата, потоа од нигде никаде излегува “Изненадување“. Сепак, сјајната журка на Кевин му го смени животот.

“По таа вечер останав дома и размислував :’Боже фала ти што постојам. Меѓутоа, изненадно во мојата куќа влезе мојата мајка. Практично ја скрши вратата и рече дека мора да ми соопшти ужасни вести. Ми рече дека моите другари доживеале сообраќајна несреќа. Веднаш отидов до местото каде што се случи тоа. Отидов и го видов Малик... Беше мртов. Така беше тоа.“ - се сеќава Кевин Гарнет низ солзи.

Сообраќајната несреќа во која Сили го загуби животот им го оневозможи на двајцата кошаркари заедничкиот одмор кој го планираа. Наместо да се одмара, Гарнет и остантите играчи отидоја на погребот на својот другар.

“Така беше тоа. Секогаш Малик ми викаше :’Прави што мислиш дека треба. Еден ден ќе се гордееш со својата кариера.’. Секогаш веруваше во мене.“ - вели Гарнет.

Денес, 12 години по губењето на идолот од младите денови и подоцна најдобриот пријател на Кевин, успеа во она што му го велеша Сили : на раката да има прстен, да биде прогласен за МВП. Она што е сигурно е дека во секој добар потез на сјајниот крилен центар, во секој поен или скок, негде високо се крие Малик Сили. Дури и во мислите на Кевин ...

ВИДЕО :

0 comments:

Post a Comment